Завршена е реконструкцијата на опожарената атмосферска канализација на улицата „Александар Урдаревски“ во Општина Бутел, соопштија од јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

Целосна реконструкција е извршена на цевката со дијаметар од 1000 милиметри, во должина од 70 метри, вклучително со двете шахти, како дел од оваа линија.

Реконструкцијата е изведена во текот на вчерашниот ден, откако пред неколку дена, при рутинска проверка на атмосферската канализација на улицата „Александар Урдаревски“ кај мостот на реката Серава, екипите на ЈП „Водовод и канализација“, открија вандалски чин кој е на голема штета на претпријатието, но и на самите граѓани, како и опасност по нивната безбедност.

При проверката на оваа линија беше установена кражба на капаците на шахтите,опожарување на шахтите но и на самите цевки кои се дел од атмосферската канализација. Веднаш по овие сознанија, случајот беше во пријавен во Општина Бутел и МВР од каде беше извршен испекциски надзор и случајот беше заведен од страна на надлежните институции, соопштија од јавното претпријатие.

ЈП „Водовод и канализација“ во однос на овој случај по службена должност поднесе две пријави за сторено злодело, една за кражба и една за опожарување на атмосферската канализација.

-ЈП „Водовод и канализација“ го осудува ваквото неодговорно однесување на групи на поединци, кои нанесуваат штета не само на претпријатието, туку и на граѓаните на град Скопје и претставуваат опасност за околината се посочува во соопштението од претпријатието.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/07/2022 12:56