Македонската машка кошаркарска репрезентација ќе игра во групата Д во претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2025 година, заедно со селекциите на Словачка, Данска и Норвешка, одлучи жрепката во Минхен.

Кои се првите впечатоци после ждрепката, би рекол доста непознати. Навистина, Словачка ни е добро позната, игравме со нив во минатиот циклус од претквалифиакциите за Светскиот куп. За другите две репрезентации може да се каже дека се непознати за нас. Данска имаше некоја улога во претходните квалификации, и доста работи зависат од тоа со каков ростер ќе има нивниот селектор на располагање. Во разговор со некои мои колеги кои имаа прилика да играат против нив, говорат дека се базираат на брза игра, на една брза кошарка, со доста шутеви кон противничкиот кош. Норвешка, исто така доста непозната, но ќе имаме време да се запознаеме и со нив. За нас е важна работа добро да се подготвиме за првиот „прозорец“. Да се јават на повикот што поголем број на кошаркари. Односно да бидеме комплетни, затоа што само така, мислам дека можеме да бидеме конкурентни, истана селекторот Драган Бајиќ.

Стартот на претквалификациите во трите групи е закажан за крајот на август, а завршните натпревари ќе се одиграат во февруари идната година.

Словачка ни е многу добро познат противник бидејќи и во претходните претквалификации игравме со нив и имаме позитивен биланс. За Норвешка и Данска немам многу информации, но како што ќе доаѓаат натпреварите, ќе се подготвуваме за нив и ќе ги анализираме. Единствено посакувам ние да бидеме во што поголем број, односно комплетни да ги дочекаме дуелите што претстојат. Во таков случај верувам во позитивен исход и пласман во главните квалификации, посакува крилниот центар Бојан Крстевски.

Пласман во квалификациите за ЕП 2025 ќе обезбедат само првопласираните репрезентации во трите групи.

Македонската машка кошаркарска репрезентација последен пат учествуваше на континенталниот собир во 2015 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/07/2022 02:46