Турскиот пијанист и композитор со четиридецениска плодна кариера Хусеин Сермет вечерва ќе настапи во рамки на музичката програма на „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин, 21 часот.

Сермет, како што информира националната установа „Охридско лето“, е уметник кој го отсликуваат разновидни музички интереси и исклучителната музичка визија која се огледува во широкиот и еклектичен репертоар и пијанистичка имагинативност.

Роден во Истанбул во 1955 година, студиите ги започнал на Музичкиот конзерваториум во Анкара, па продолжил во Париз, на тамошиот конзерваториум и на школата за музика „Алфред Корто“ во класите на Тјери де Брунхоф, Надја Буланже и Мари Курсио. Студирал композиција со Оливије Месијан, а за неговиот прв гудачки квартет е добитник на наградата „Лили Буланже“. Настапувал низ целиот свет со познатите диригенти: Владимир Јуровски, Семјон Бичков, Дејвид Робертсон, Лоренс Фостер, Пабло Херас-Касадо, Џонатан Нот, Џејмс Гафиган и Ханс Граф, а како камерен музичар соработува со Марија Жоао Пирес, Готје и Рено Капусон. Гостувал на некои од најдобрите светски оркестри: Лондонската филхармонија и Кралската филхармонија во Лондон, Парискиот симфониски оркестар, Оркестарот на Минхенското радио, Симфонискиот оркестар во Луцерн, оркестрите во Бамберг, Токио, Шангај, Детроит и многу други. Настапува и во некои од најпрестижните пијанистички серии на рецитали во Лондон, Париз, Минхен, Лисабон, Копенхаген, Оксфорд и Лил.

Хусеин Сермет, според информацијата, е активен и како композитор. Првата негова значајна композиција – „Сеќавања 1“ премиерно била изведена на фестивалот „Емпери“ во 1997 година. Многу од снимените материјали на Сермет биле наградувани од влијателните музички магазини и избори за најдобри изданија.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/07/2022 10:54