Демир Капија добива меѓународен театарски фестивал ,,Без рамка”, информираше денеска актерката Кристина Николовска, која потсети дека театарот крај демиркаписката клисура, „Мирка Гинова”, постои неполни шеесет години и иако аматерски, освојува бројни награди на домашни и странски фестивали.
Според неа, најактивно работеле од 2013 година, со истата екипа што е во моментов, со која се случил театарски бум во 2015 година, кога имале активни три претстави, а се случувало да прават и репертоар, па во една недела да гостуваат на четири различни места.
– Желба ни било отсекогаш да направиме театарски фестивал, иако секогаш ни делуваше невозможно, поради скептичноста дали ќе имаме поддршка, како финансиска така и морална, а и воопшто дали членовите од нашата трупа ќе се задржат во Демир Капија, па за да може да се организира фестивалот, вели за МИА, Николовска.
Таа нагласи дека за да организираш фестивал, најпрво е потребно добра волја, упорност и љубов.
– Меѓутоа, доколку немаш финансиска поткрепа, останатото е само мечта. За среќа успеавме да издејствуваме Општината да го поддржи овој фестивал, а истиот е поткрепен и од страна на фирми, кои спонзорираат со тоа што можат да го понудат, ако не со финансии. Потребен е ангажман, а за среќа кај нас тоа оди доста убаво, затоа што сите поддеднакво го сакаме театарот. Се трудиме и се надеваме на најдобар исход на претстојниот фестивал. Го крстивме „Без рамка“, затоа што сметаме дека уметноста не треба да се става во рамка, туку таа треба да дише слободно. Фестивалот е ревијален, не бира аматери или професионалци, ниту пак бира жанр, ами бира ентузијасти и страствени вљубеници на болеста за која лек и нема, театарот, додаде актерката.
Потенцира дека сакаат да продолжи театарската традиција во Демир Капија и да ја негуваат и идните генерации.
– Сакаме да оставиме традиција во Демир Капија. Не знаеме дали ќе се задржат младите, како резултат на продолжување на своето образование во други градови или надвор од Македонија, меѓутоа дури и да не се задржат глумци, целта е да постои овој фестивал, како резултат на долгогодишната активност на театарот кој никогаш не престанал да работи. Можеме да се пофалиме дека во Демир Капија изградивме одлична публика, едуцирана, која е благодарение на негувањето на театарската уметност. Долга беше борбата, но успеавме, рече Николовска, инаку, доктор по професија.
На фестивалот ќе има осум претстави. Ќе биде отворен и затворен со претстави во наша изведба, „Умри машки”, и „Ноќите во бел сатен“, информира таа. Дополнува дека ќе има гостувања на театарски трупи од Гевгелија, УБ- Србија, Тузла- Босна и Херцеговина, Кочани, Скопје, како и премиера на најновата комедија на театарот, кој работи во рамки на демиркапискиот дом на култура „Мирка Гинова”. Се работи за комедијата „Матуранти”, во режија на Димче Бањански. Цената на секој билет е 100 денари, а 500 денари блок цена за сите осум претстави.
Николовска посочи дека во моментот, демиркапискиот театар има активни три театарски претстави. „Умри машки”, што е наградена на два фестивала за најдобра женска улога, најновата комедија „Ноќите во бел сатен и премиера на претставата ,,Матуранти”, изведена од помладите актери при театарот. Всушност, во театарот постои помлада драмска секција, водена од актерот Димче Бањански, како и повозрасна театарска група, предводена од Томе Атанасов.