Во Центарот за култура во Крива Паланка се реализира креативна работилница за изработка на украсни дела од природни материјали „Уметноста од природата“.
Десетина млади работат во изминатите пет дена под менторство на искусниот креативец со меѓународни сертификати за изработка на сувенири Гоце Стојановски од Кратово.
– Младите се заинтересирани, а и многу креативни, даваат идеи и со моја помош изработуваме дела кои се навистина добри со оглед на тоа што првпат се среќаваат со овој вид техника. Користиме исклучиво материјали од природата: дрвени рамки, слама, жито, лушпи од дрво, камчиња и друго. Изработените дела во текот на еднонеделната работа ќе бидат изложени на посебна изложба, а ќе биде изготвен и каталог, изјави Стојановски.
Ова е негова втора соработка со Центарот за култура во Крива Паланка. Во рамки на првата соработка средношколци работеа на мозаици со мотиви од староградската архитектура од општината.
Работилницата се реализира во рамки на годишната програма за работа на Центарот за култура – Крива Паланка поддржана од Министерството за култура.