Кратките играни филмови „Проблемот на Тинa” на Радован Петровиќ и „Северен пол” на Марија Апчевска-Петровска ќе учествуваат во Официјалната селекција на HollyShorts Film Festival што се одржува во Холивуд, САД.
Филмовите ќе се прикажуваат во светски познатиот TCL Chinese Theatre на Hollywood Blvd, во периодот од 11 до 20 август. HollyShorts Film Festival е Academy Awards Qualifying Festival и секоја година избира три филма кои се квалификуваат за наградата Oscar. И оваа година во официјалната селекција има филмови во кои играат актери кои се номинирани или се добитници на наградите Oscar, Golden Globe, Grаmmy, Emmy, како James Franco, Brian Cox, Rosario Dowson, Wiz Khalifa, Colman Domingo и други.
По освојувањето на наградата Golden Umbrella за најдобар интернационален филм на фестивалот во Измир, „Проблемот на Тинa” на HollyShorts ќе ја има својата американска премиера. Главните улоги ги толкуваат Душица Настова, Жаклина Стефкова-Дрнасин, Јордан Симонов, Тамара Ристоска, Емилија Мицевска-Трајковиќ. Сценариото е на Румена Бужаровска, директор на фотографија е Андреј Лембанов, сценограф Илина Ангеловска, костимограф Жаклина Крстевска и шминкер Ирена Сенокозлиоска.
„Северен пол” после премиерата во Официјалната селекција на фестивалот во Кан учествуваше на повеќе од 80 интернационални фестивали и освои неколку награди. Во филмот играат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Сценарист е Марија Апчевска-Петровска, директор на фотографија Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Биљана Гргур, шминка Горан Игњатовски и копродуценти Милош Љубомировиќ и Миодраг Поповиќ.
Филмовите се во продукција на Кино Око и Партизанс. Продуцент на двата филма е Роберт Насков. Финансирани се од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.