Mанифестацијата „100 000 поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ распишува поетски конкурс за годинешното издание на Фестивалот.

Како што соопштија организаторите, поезијата со која ќе може да конкурираат автори од сите генерации треба да биде социјално ангажирана и да разработува теми кои се поврзани со промените, глобално, но и локално.

Секој автор може да учествува со по една песна. Песните треба да се испраќаат на фејсбук профилот на оваа манифестација или на poetizapromena@gmail.com најдоцна до 25 август 2022 година, по што ќе бидат разгледани од комисијата што ја одредува организацискиот одбор на манифестацијата и здружението и потоа селектираните автори ќе бидат застапени во зборникот „100 Илјади поети за промена“ – Македонија, кој секоја година се публикува како дел од оваа програмските активности.

Сите останати пристигнати песни ќе бидат објавени на официјалниот сајт на „100 Илјади поети за промена“.

Ваков конкурс се организира веќе 12 години по ред – исто онолку пати колку и што се организира оваа манифестација во светот.

Исто така, оваа манифестација распишува и конкурс за дизајнерско решение на постери или плакати кои ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот, а истите тематски можат да бидат насочени кон глобалните промени, литературата, одржливиот развој или мирот.

Дизајнерските решенија може да се испраќаат на горенаведениот мејл или на фејсбук профилот на манифестацијата најдоцна до 25 август.

Пристигнатите дела ќе бидат изложени за време на изложбата која е дел од манифестацијата „100 Илјади поети за промена“, на 25 септември оваа година во Струмица.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2022 16:10