Театарската претстава „Галеб“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на Турски театар Скопје и концерт на пијано дуото Каровски-Дучева вечер на програмата на фестивалот „Охридско лето“.

Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“, додека музичкиот дел од програмата ќе се одвива во катедралната црква„Света Софија“.

„Галеб“ е драма која зборува за театарот и љубовта. Во ова култно дело, Чехов на трагикомичен начин ја пренесува атмосферата за минливоста на животот, во која се испреплетува синџир од ликови со промашени животи, со несреќни судбини, невозвратени љубови, ставени во животни околности со кои не можат или не знаат да се справат. Во неа играат Несрин Таир, Хакан Даци, Осман Али, Џенап Самет, Стефанија Начевска, Сузан Акбелге, Ебру Мусли, Селпин Керим, Метин Ибрахим и Неат Али. Сценографијата е на Константин Трпеноски, а костимографијата на Роза Трајчевска-Ристоска.

Пијано дуото Каровски-Дучева, го сочинуваат македонските уметници Кристијан Каровски и Мими Дучева.

Кристијан Каровски е роден во Скопје во семејство на музичари-пијанисти. Уште од најмала возраст доаѓа до израз неговиот голем и невообичаен талент за музика. Неговата концертна дејност започнува на деветгодишна возраст со изведба на сериозни дела од литературата за пијано. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Каровски е вонреден професор на катедрата по пијано на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Пијанистката Мими Дучева е родена во Гевгелија во 2000 година. Природниот развој на музичките настани низ годините, ја доведува Мими Дучева до започнување на соработка со проф.Кристијан Каровски, една година пред запишување во средно музичко училиште. Веднаш почнува да настапува како дел од концертите на неговата класа и посветено соработуваат изведувајќи камерна музика за четирирачно и осумрачно пијано. На осумнаесет години го одржува првиот концерт по што музичкото образование го продолжува на ФМУ – Скопје во класата на вон. проф. Кристијан Каровски.

Инспирирани од минатото камерно музицирање, Мими Дучева и нејзиниот ментор Кристијан Каровски започнуваат со заедничко свирење на композиции за четирирачно пијано.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2022 10:28