Триесетина дела со мотиви од Струга и струшко, пејзажи и староградска архитектура на Владимир Младеновски ќе бидат изложени на кејот на реката Црн Дрим, пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, по повод пет децении од неговото ликовно творештво.

Најголем дел од сликите на Младеновски се со маслени бои на платнени подлоги и имаат впечатливо лапидарна колористика, непроѕирност од складни преливи, најчесто од црвени, жолти, зелени и сини партии.

– Во делата на овој македонски сликар, роден во струшкото село Подгорци, пулсира родниот крај каде се овековечува блесокот на боите со сета природна раскош и божја убавина. Студиозно им приоѓа на просторите, објектите, предизвиците и осмислено ги актуелизира најскапоцените и најсуштествените пораки и факти пренесени на платно, соопштија од Центарот за култура.

Со сликарската четка на Младеноски, додаваат, опфатени се играта на природата, вистинитоста на животот, старите улици, игрите на сонцето и темнината, моминските солзи, она што плаче и пее, она што се раѓа низ времето и просторот.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2022 10:32