Изложбата „Ликовни блесоци од Уметничката галерија од Тетово“ синоќа беше отворена во Музеј на град Неготино. Станува збор за проект од национален интерес за 2022 година од областа на визуелни уметности, финансиски поддржан од Министерството за култура, а е резултат на соработка меѓу неготинскиот музеј и Националната установа Уметничка галерија Тетово.
- Поставени се 20 слики од врвни ликовни уметници од колекцијата на Збирката на ликовни дела, кои се всушност приказ на дела со висока уметничка вредност, создавани за време на ликовните колонии, организирани од страна на Уметничката галерија Тетово. Сликите се од светски познатите уметници, Омер Калеши, Павле Кузманоски, Жарко Јакимовски, Невзат Бејтули Кица, Нехат Беќири, Агрон Половина, Атанас Констандини Тицо, Константин Миглорини, Мустафа Арапи и Сефедин Стафа, појасни Драгица Чекорова, директор на Музеј Неготино.
Делата се работени во техника акрил на платно и масло на платно.
-Изложбата е пресек на скромен дел од уметничките белези, артикулирајќи го современото сликарско и визуелно богатство на Уметничката галерија Тетово, кој добива континуитет со презентирање на своето богатство. Ефектот од оваа изложба е тоа што се дава значаен дел во развојот и афирмацијата на ликовната современа уметност од тетовскиот крај, преку избор на репрезентативни дела, а Музеј на град Неготино презентира квалитетна изложба пред пошироката домашна и меѓународна јавност, додаде Чекорова.
На отварањето на изложбата, присутен беше и директорот на Уметничката галерија Тетово, Илир Куртиши, кој даде свој осврт кон изложбата, потенцирајќи ја вредноста на ликовните дела. Тој рече дека е за поздравување оваа соработка која се случува за првпат во Музеј на град Неготино.
-Се надевам дека нема да биде единствена оваа соработка, дека ќе продолжи со успех и со гостување на музејот од Неготино, во Тетово, нагласи тој.