Голем интерес предизвика меѓународниот театарски фестивал во Демир Капија којшто стартуваше пред неколку дена и трае до петок, информираше денеска демиркаписката актерка Кристина Николовска. Таа потсети дека по 60 години постоење на аматерскиот театар, им се остварил сонот за една ваква културна манифестација на којашто учествуваат аматерски и професионални театри. Николовска рече дека очекуваат настанот да стане традиционален.
-Денеска е шестата фестивалска вечер со изведба на професионалниот театар ,,Златен Елец” од Скопје. Ке настапат со претставата ,,Куќа на духови” во изведба на Бобан Алексоски и режија Ѓорги Ризески од Скопје. За време на сите фестивалски претстави, бевме многу задоволни од публиката, на отварањето беше преполна сала. На претставите на гостите од Босна и Херцеговина и Србија исто така имаше посетеност и покрај фактот што е лето и луѓето се по одмори, имаше и две свадби во Демир Капија за време на изведбата на српските актери и дел од демиркапијци беа таму, сепак интересот за овој културен настан беше голем, а публиката презадоволна. Задоволството кулминираше со премиерата на демиркаписката младинска драмска група со претставата ,,Матуранти”, кога сите карти не само што беа распродадени, се чекаше предвреме пред билетара, претставата почна 15 минути покасно оти мораше да се донесат дополнителен број столчиња, соопшти Николовска.
Таа информираше дека фестивалот ќе се затвори со претставата ,,Ноќите во бел сатен”, кога исто така очекуваат многу публика. -Публиката за сите претстави беше фантастична, впрочем исто како и домашните и странските актери, додаде актерката, инаку, доктор по професија.
Таа нагласи дека за театарскиот фестивал ја имаат поддршката на локалната самоуправа.