НУЦК „Трајко Прокопиев“ интензивно се подготвува за 25-тото издание на фестивалот „Денови на комедија 2022“, соопштија денеска надлежните.
Фестивалот ќе биде отворен на 28 септември, годинава. Кумановци ќе имаат можност да проследат 12 комедии. Претставите се договорени и надлежните очекуваат како и претходните години масовна посетеност.
– Годинава славиме јубилеј 25 години од фестивалот. Фестивалот има одлична посетеност, последниве две години го одржавме согласно протоколите од Министерството за здравство. 2020-та имаше само 30 проценти, ланската 2021 година, 50 проценти исполнетост од салата така што и во тие услови реализиравме успешен фестивал со настап на меѓународни и домашни претстави, изјави директорот на установата, Сашо Тодоровски.
Од установата се надеваат дека епидемиолошката состојба ќе дозволи целосна исполнетост на салата, сепак се подготвени да ги почитуваат можните препораки на надлежните, бидејќи фестивалот се одржува кон крајот на септември и почетокот на октомври.
На годинешново издание први ќе настапат гостите од Винковци, Хрватска, а фестивалот ќе го затвори кумановскиот театар.
– Во тек е избор на актерската екипа, сценографијата се подготвува, а претставата е во режија на Драгана Таневска од Куманово, проект кој е одобрен од Министерството за култура за кој режисерката аплицираше, по жанр комедија која ќе биде подготвена за Фестивалот и за која очекуваме дека понатаму ќе се игра на нашиот репертоар, изјави Тодоровски.
Оваа година актерот Благоја Чоревски ќе го добие признанието „Васил Иљоски“ кое установата го доделува за особен придонес во развојот на театарската уметност.
Кумановскиот теата ја подготвува и комедијата „Ковачи“ во режија на Дејан Дамјановски. Генералната проба е закажана за 22 август, премиерата на 3 септември, првата реприза, три дена подоцна.
Од НУЦК информираа дека заврши првата фаза од темелната реконструкција на објектот стар 70-тина години на кумановскиот театар. Распишана е нова тендерска постапка за избор на компанија која ќе ја спроведе втората фаза од реконструкцијата.