Дигитален паметен споменик на Григор Прличев, кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите беше промовиран во Охрид.

Најновите технологии, како што информира Општина Охрид, ќе овозможат спознавање на културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест. Иновативниот систем е изработен од компанијата „Сефиданис“, која неодамна потпиша меморандум за стратешка соработка со Општина Охрид.

– Решението, покрај останатото, вклучува и технологија за препознавање на говор на македонскиот јазик, како и високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев, синхронизиран со говор, кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот, стои во информацијата.

За виртуелниот модел на ликот биле користени оригинални фотографии, автентични скулптури со примена на напредни методи на машинска интелигенција за дигитална фотограметрија. Дигиталниот споменик ќе биде достапен за комуникација во текот на целиот ден и ноќта, лето и зима на плоштадот на уметноста Долна Порта.

– Дигиталното културно наследство претставува посебна научна дисциплина која се наоѓа на пресекот меѓу компјутерските технологии и хуманистичките науки. Охрид, како град на УНЕСКО, има потреба од новите технологии кои овозможуваат дигитализација и трајна конзервација на културното наследство, во физичкиот и во метаверзумот. Ваквите иновации ја поттикнуваат промоцијата на градот и државата, со тоа што ќе понудат туристичко искуство кое не може да се најде на друго место, посочува општинската прес-служба.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/08/2022 15:22