Седумнаесетгодишниот кошаркарски талент, Грегориј Јакимовски од Крива Паланка, потпиша договор за сениорскиот тим Орзинуови од Бреша каде што претстојната сезона 2022/23 ќе настапува во серија Б.
Ова е голем исчекор за перспективниот паланчанец кој од минатата година е дел од престижната италијанска кошаркарска академија „Некст степ“ во Рапало и во повеќе наврати се наметна како лидер во тимот. Јакимовски имаше најдобар учинок на мечевите во младинските лиги, а забележителни настапи имаше и во Европската младинска лига (EYBL).
– Ова е многу значајно за мене, чест ми е што ја добив понудата од клубот кој вложува многу во млади кошаркари, со цел развој на нови играчи. Ќе бидам дел од тим којшто во најголем процент е составен од младински погон, но ќе имам можност и да учам од искуството на повозрасните, сениорите. Одговорноста е голема, бидејќи тимот има амбиции во сезоната што доаѓа да напредува во А2 серија и од нас ќе се бара максимален учинок, којшто јас сум подготвен да го вложам давајќи сѐ од себе да придонесам најмногу што можам за колективот и тимот кој секогаш е во прв план за мене, изјави Јакимовски.
Македонскиот кошаркар е висок 191 см и игра на позициите еден и два (плејмејкер и бек-шутер).
Во неговата досегашна кошаркарска кариера беше дел од македонската репрезентација до 16 години и на поширокиот список на националниот тим до 18 години.
Грегориј Јакимовски потекнува од талентирано кошаркарско семејство, тој е брат на Андреј Јакимовски, еден од најперспективните сениорски играчи во нашата држава во моментот, кој полека но сигурно се наметнува како лидер на репрезентацијата.