Многу значајна книжевна збирка, од стотина старопечатени книги од село Лазарополе се дарувани на познатото македонско древно светилиште Бигорскиот манастир.

– По желба и иницијатива на Црковниот одбор на црквата „Свети Велкомаченк Георгиј Победоносец“ во село Лазарополе, кој покажа голема совесност, словесност и грижа кон писменото христијанско и културно наследство, а во договор и со благослов на нашиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, на Бигорската книгохранителница ѝ беше врачена една мошне значајна книжевна збирка од стотина старопечатени книги, изјави за МИА, отец Кирил.

Додава дека станува збор за црковни книги кои досега се чувале во храмот на Свети Георгиј во славното мијачко село, кое низ историјата родило и одгледало многу значајни македонски општествени и просветни дејци.

Одлуката за депонирањето на книгите во Бигорскиот Манастир била донесена на состанокот на Црковниот одбор на 31минатиот месец, под претседателство на Димко Попоски.

-Црковниот одбор при храмот „Св. Ѓорѓија“- Лазарополе на состанокот одржан на 31.07.2022 г. донесе одлука книжниот фонд што го поседува, а се состои од стотина книги од типот на библии, требници, минен и друго, да ги додели на манастирската библиотека при манастирот „Св. Јован Бигорски“ на понатамошно чување и нивно одржување. Овие книги досега со години се чуваа заклучени, без можност да се употребуваат и беа изложени на пропаѓање. Се работи за библиотечен фонд на старопечатени книги, во најголем дел од 19. век, напишани главно на црковнословенски јазик. Сите тие се богослужбени и поучителни книги кои биле ползувани за богатиот духовен и воцрковен живот на лазоровци, стои во одлуката.

Отецот нагласува дека во најскоро време книгите ќе бидат очистени од прашините и штетниците и ќе бидат соодветно складирани во библиотечниот простор на Бигорската хранителница. За комплетна реставрација на оштетените книги се потребни значителни финансиски средства, за кои се надеваме дека ќе бидат собрани преку донации на луѓе со свест за значењето на писменото наследство.

-Им благодариме и го пофалуваме благочестивото дело на побожните лазоровци, кои со тоа што ги подарија книгите на Бигорскиот Манастир, покажаа вистинска љубов и грижа за запазување на духовното и културно наследство на своите предци. Впрочем, бигорските отци и духовници во минатото најмногу се погрижиле за просветата во овој крај, а преку нивните молитви и благослов, Бигорски ја има истата евангелско-просветна мисија и денес, посочува отец Кирил.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/08/2022 12:43