Над дваесетина поетеси и поети од Скопје, Тетово, Штип, Свети Николе, Пехчево, Кочани и Крива Паланка синоќа беа дел од годинашната традиционална поетска манифестација „Лирски треперења” – Крива Паланка.
Настанот се одржа на летната сцена на градскиот плоштад, а организатор е Националната установа Центар за култура Крива Паланка, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и Општина Крива Паланка.
-Манифестацијата е традиционална, се одржа по дванаесетти пат и истата е придонес на нашата институција за промовирање и сочувување на македонскиот јазик, преку стих и интерпретација. Оваа вечер дел од учесниците читаа и свои афоризми, така што веќе следната година,на нивна иницијатива можеме да предвидиме и афористички блок, бидејќи и публиката имаше одлична реакција. Како и да е, им благодарам на сите што беа дел од годинашната манифестација и помогнаа да приредиме убава вечер на „Кривопаланечко културно лето”, надополнета и со музика во изведба на младите музичари од градот, рече Дарко Стоилковски, директор на НУ Центар за култура Крива Паланка.
Настанот го збогати настапот на младите пијанисти од музичката паралелка на ООУ “Јоаким Крчовски”, Крива Паланка, под менторство на професорката Лариса Жулина -Митовски. Манифестацијата се одржа по две години пауза поради Ковид-19 пандемијата.