Во рамки на попладневното матине на фестивалот „МакеДокс“ беше отворена изложбата „Спојка“ на Доријан Миловановиќ. Ова е негова прва самостојна фотоизложба.
– Оваа изложба има за цел да презентира еден поширок документарен пристап при кој фотографиите се спојуваат на еден директен начин преку симболиката на правецот, броевите, контрастите… Исто како и во документарните филмови што ги прикажуваме на „МакеДокс“, истакнува Миловановиќ, кој е дипломиран филмски монтажер.
Со фотографирањето како страст и хоби, Доријан се занимава веќе 15 години, а 13 години е дел и од креативниот тим на „МакеДокс“.
– За нас како „МакеДокс“ – фестивал на креативен документарен филм, изложбата на Доријан е голема радост и надеж дека ќе нѐ спојуваат заедно уште многу години креативна работа, која ќе биде инспирација за неговите идни изложби и за откривање нови светови, вели Петрула Вељановска од програмскиот тим на „МакеДокс“.
Филмската програма на четвртата вечер на 13. „МакеДокс“ продолжува со паралелни проекции во Куршумли-ан и на платото пред Музејот на РСМ. Во програмата се проекциите на четири краткометражни („Арктички утопии“, „Живот“, „Чичко ми Тудор“ и „Џемана“) и четири долгометражни документарни филмови („Кучешка љубов“, „Територијата“, „Затемнување“ и „Деца на маглата“).
Секое попладне до крајот на фестивалот во 18 часот ќе се одржуваат „Разговорите под смоквата“ во Куршумли-ан, на кои авторите на филмовите ќе ги разменуваат своите лични искуства во снимањето на филмовите.
Во рамки на индустрискиот дел на „МакеДокс“ од утре до среда во МКЦ ќе се одржува четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот. Главна цел на форумот е развој на стратешки план за зголемување на копродукциите на документарните филмови меѓу балканските земји. Форумот вклучува претставници од 12 регионални филмски агенции и центри, документарни здруженија, документарни професионалци и 11 проекти во различни фази на продукција избрани преку отворен повик.
Форумот ќе почне со затворена сесија на Балканската документарна мрежа, а потоа ќе следуваат јавни презентации на балканските филмски центри, презентација на МЕДИА Деск МК од страна на Ивана Мирчевска, како и презентација на шест проекти во развој од работилницата со Туе Стен Милер.
Тринаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, Сивус Скопје – Групација „Арикома“, Грчкиот културен центар, МЕДИА деск МК, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Музеј на современата уметност, такси „Глобал“.