Во организација на Интернационалната уметничка организација денеска во Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје ќе се одржи шестиот WAG фестивал (World art Games – Светски уметнички игри).

Ќе настапат еминетни уметници од целиот свет меѓу кои и од Аргентина, Хрватска, Финска, Унгарија, Израел, Мексико, Холандија, Македонија, Норвешка, Јужна Кореја.

Во рамки на фестивалот со почеток од 16:30 ќе биде отворена групната, интернационална изложба. Потоа средба со публиката и настап ќе имаат поетите (и писатели): Јадранка Клабучар Грос од Хрватска, Матис Ј. Матисен од Норвешка, Јасминка Блажевиќ Пауновиќ од Хрватска и Игор Поп Трајков од Македонија. Настапот на поетите ќе биде музички придружен од страна на Ури Натанел (виолончело). Од 19 часот музички настап ќе има Елфи Свердуп со „Вокален Експеримент“, а од 19:30 Орли и Ури Натанел ќе ја изведат Свитата бр. 1 од Јохан Себастијан Бах. Потоа публиката ќе ги види и слушне и нивните настапи на соло-гитара и дует на вилончела со гитара со делата на Хеитор Вила Лобос, Леонард Коен, Жозе Фелисиано и др.

Во рамки на настанот изминатиот викенд се одржа конференција на која беа претставени новите перспективи во уметноста, новите изразни форми, со фокус на партиципативноста на настаните и културното наследство во земјите опфатени со овој долгогодишен проект.

Свој настап имаа Елфи Свердуп и Сиње Елисе Хултгрен од Норвешка со последователната презентација насловена како „Крик за мир“, а се говореше и за следното издание на фестивалов предвидено во нивната земја.

Уредници на годинешново издание на фестивалот се Јасминка Блажевиќ Пауновиќ и Питер Вајс од Хрватска.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/08/2022 09:28