Со настапот на ансамблот „Македонија“ на третата фестивалска вечер, синоќа во Крива Паланка официјално беше затворено годинашното издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски”.

Ансамбл „Македонија“ приреди целовечерен концерт за публиката во Крива Паланка, кореографии и сценски адаптации на соборски ора и песни од етничките предели Средорек, Жеглигово и Славиште, соборски ора и песни од етничкиот предел источен дел на Славиште, „Лазарице” – женски обредни поворки од етничкиот предел Славиште, ора и песни од предел Дурачка Река, соборско машко оро од Малешевијата, „Гачке“ – женски велигденски игри од Поречијата, „Јанино и Малешевка“, окестарско-инструментална изведба и „Каршијак“, сите под капата на уметничкиот директор Владимир Јаневски.

На крајот на програмата беа доделени плакети и благодарници од организаторите Општина Крива Паланка и Национална установа Центар за култура – Крива Паланка.

Инаку, фестивалот траеше од 24 до 26 август, со богата програма настапи на фолклорни друштва и ансамбли од Турција, Хрватска, Србија, Бугарија и од Македонија – од Битола, Делчево и Скопје.

Интернационалниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ е дел од програмата на „Кривопаланчеко културно лето 2022“, а се реализира со поддршка од Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2022 10:59