Центарот за истражување на предисторијата заедно со Прилепскиот џез викенд вечерва организира концерт со цел да се афирмира археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија.

– Во рамки на археолошката сонда ќе се одржи перформанс во кого ќе се создава музика со свирење на археолошки алати и барабани. Концертот, насловен како „Кој тоа чука на Врбјанска Чука?“, ќе се концентрира на создавање ритам инспириран од звуците при археолошките истражувања и од сознанијата добиени преку проучувањата на луѓето што живееле во оваа неолитска населба, информираат од Центарот.

Како што додаваат, овогодишните истражувања, што се одвиваат веќе седма година, се насочени кон последните етапи на неолитската населба.

– Главната цел на проучувањата беше да се види како нејзините жители живееле пред таа да биде напуштена и дали овие форми на живот се разликуваат од оние во почетоците на оваа населба околу 6000 година п.н.е. Поради тоа, научната работа беше насочена на архитектурата и материјалната култура од овие крајни фази во периодот околу 5700 година п.н.е, се вели во соопштението.

Во рамки на овие мултидисциплинарни истражувања учествуваа експерти и студенти од Македонија, Германија, Италија, Србија и Швајцарија. Беа откриени остатоци од повеќе градби обновувани во неколку фази, како и фрагменти од садови, жртвеници, фигурини и алатки кои укажуваат на динамичниот живот на неолитските луѓе во последните етапи од населбата.

Овие проучувања, кои се во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Прилеп и Универзитетот во Базел, продолжуваат и понатаму со кабинетски анализи на археолошките наоди и органските остатоци, а кои ќе се публикуваат во повеќе научни списанија. Теренските и кабинетските истражувања се финансиски подржани од македонското Министерството за култура и Фондот за истражување и заштита на предисториските тумби од Германија.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/08/2022 09:49