Кошаркарскиот прволигаш КК „Гостивар 1954“ ги започна подготовките за претстојната натпреварувачка сезона. Костурот ќе го сочинуваат играчи кои и претходно настапуваа за „бело-сините“, играчи од младинскиот погон и двајца „странци“. Првиот тренинг го проследија навивачите и членовите на младинските категории.

На првата прозивка на Љупчо Малинков, новиот шеф на стручниот штаб во салата „Младост“ синоќа се одѕваа: Тома Стојаноски, Виктор Ефремовски, Војче Лефкоски, Роберт и Ренато Димитриевски, Максим Митевски, Андреј Маслинко, Лувејн Пипкинс, Енур Шабани, додека најавеното засилување на центарската позиција Гиорги Корсантиаќе се приклучи на тимот оваа недела. На клупата, како помошник тренер ќе биде и Никола Димитриевски.

Според Малинков, тимот има изгледи за пласман во погорниот дел на табелата, но за плановите и амбициите, вели дека ќе се кројат со раководството на клубот. До почетокот на сезоната ќе се работи на подобрување на физичката подготвеност и техничко-тактичкото воигрување. Покрај базичните подготовки, превидени се пријателски натпревари со домашни и странски екипи, а можно е да настапат и на меѓународни турнири за кои веќе се пристигнати покани.

Тимот засега ги има пополнето клучните позиции, а останува да се пополни „петката“ со квалитетен центар, кој најверојатно ќе биде странец.

На почетокот на подготовките, кој беше и своевиден „отворен ден“ присуствуваа повеќе љубителите на кошарката. Пред нив беше претставен проектот „Младинска академија“ чија цел е создавање на играчи од сопствениот погон. За афирмирање на кошарката и создавање играчи со искуство, од оваа година КК Гостивар со втор тим ќе настапува во третата лига.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/08/2022 13:21