Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Александар Петровиќ, трофејот од Суперкупот освоен вчеравечер на мечот со ТФТ, го посвети на покојните македонски тренери Василов, Дуковски и Лазовски.

– Ова не е изненадување за мене, заслужено победивме бидејќи имавме контрола над резултатот во текот на целиот натпревар. Нормално, се игра за трофеј. Секој трофеј е важен. Очекував ваков натпревар и од моите играчи и од страна на ТФТ. И многу ми е драго што трофејот го носи името на мојот другар Драган Василов Цевка. Сакам да им го посветам овој освоен трофеј на Драган Василов Цевка, Анте Дуковски и на Маки Лазовски кои нè напуштија прерано, изјави Петровиќ.

МЗТ Скопје Аеродром го одбрани трофејот во македонскиот Суперкуп, откако пред исполнетата сала во СРЦ „Кале“ го победи ТФТ со 100:82.

Ова е вкупно петти трофеј во Суперкупот за „штрковите“ од Аеродром.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/09/2022 09:47