Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром сезонава, по четиригодишна пауза, повторно ќе биде дел од силната регионална АБА лига. „Штрковите“ в сабота гостуваат во Белград кај Црвена ѕвезда која е апсолутен фаворит за овој дуел.

Сепак, од таборот на „аеродромци“ најавуваат максимална борбеност на секој меч и достоинствено презентирање на македонската кошарка во регионот.

Тренерот на МЗТ Скопје, Александар Петровиќ го кажа своето видување пред патувањето за Белград.

– Не очекува интересна, но тешка сезона. Примарна цел ни е опстанок во АБА-лигата која е сигурно помеѓу трите најсилни лиги во Европа. Против Црвена ѕвезда одиме да се надигруваме. Имаме претежок распоред, во првите пет кола се среќаваме со четирите главни претенденти за освојување на трофејот. Иаме солиден состав според нашиот буџет. Сакаме и подмладување. Ќе играме агресивно, со доста трчање, форсирање на транзиција. Сигурно во текот на сезоната ќе промовираме еден-двајца млади играчи, потенцира Петровиќ.

Посочи дека најважниот натпревар во почетните кола ќе биде во 4. коло со Студентски центар, тим кој е еден од ривалите во борбата за опстанок.

За капитенот Дамјан Стојановски, претстојното издание на АБА ќе биде најсилно во последните 10 години.

– Мислам дека сезонава ќе биде многу напорна и тешка. Има клубови со големи буџети и многу квалитетни кошаркари. Ние на секој натпревар ќе дадеме се од себе. Се надевам добро наше издание и што повеќе победи, рече Стојановски.

Директорот на клубот Филип Ѓоревски побара да не се создава психолошки притисок врз играчите.

-Напад на сите трофеи во домашното првенство и достојно презентирање на македонската кошарка во регионалната лига. Не сакам да правиме непотребни притисоци околу пласманот, одиме од натпревар во натпревар. Колку повеќе победи, толку подостојно презентирање на клубот и нашата кошарка, истакна Ѓоревски.

МЗТ Скопје Аеродром од утре ќе почне со продажбата на сезонски билети кои ќе чинат 2.000 и 2.500 илјади денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/09/2022 13:00