Претстојното Европско првенство на кое Скопје ќе биде еден од четирите градови домаќини е можност да оставиме впечаток на добри домаќини и организатори, а на спортски план да покажеме дека македонскиот женски ракомет поседува квалитет и се развива во вистинска насока, порачаа денеска од Ракометната федерација на Македонија (РФМ) и организацискиот одбор.

ЕХФ ЕУРО 2022 во женска сениорска конкуренција ќе се одржи од 4 до 20 ноември во Скопје, Љубљана, Целје и Подгорица, а македонските ракометарки на домашен терен во салата „Борис Трајковски“ за противнички во групата Ц ќе ги имаат селекциите на Франција, Холандија и Романија.

–Свесни сме што значи да сме домаќини на Европско првенство, бидејќи секоја држава ја нема оваа можност. Ова Европско првенство се одржува во исклучително важен момент за нашата држава, кога женскиот ракомет полека, но сигурно се обидува да се врати на старите патеки. Тоа ќе биде мотив и импулс за нас. Со верба и помош од трибините верувам дека можеме да бидеме пријатно изненадување на турнирот, изјави на денешната прес-конференција во Скопје, Амбасадорот на ЕХФ ЕУРО2022, Гордана Нацева.

Таа додаде дека ракометното ЕУРО2022 носи предизвик и на организациски план.

–Вториот предизвик за нас е да се покажеме како добри домаќини и сите репрезентации и нивните навивачи, кои ги очекуваме во голем број, да понесат најубави спомени од нашата земја, истакна Нацева.

Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, апелираше македонската публика во голем број да даде поддршка на женската ракометна репрезентација на дуелите кои ги очекуваат во групната фаза во Скопје од 5 до 9 ноември.

„Идејата е да бидеме сите тука заедно и да покажеме дека водиме грижа едни за други. Сите заедно го работиме тоа во континуитет да креираме колку можеме подобар ракомет за Македонија. На престојното Европско првенство очекуваме поддршка од нашиот народ за нашите девојчиња која навистина ја заслужуваат. Мораме заедно да продолжиме да работиме и да покажеме дека можеме да додадеме додатна вредност за мак-ракометот. Мора да покажеме дека во Скопје, Македонија може да направиме нешто што ќе биде светски. Да покажеме сите заедно зошто е спортот број еден во Македонија“ – истакна Муакетов на собирот пред домашните медиуми.

На прес–конференцијата, на која присуствуваа комплетната женска сениорска ракометна репрезентација, како и младинските селекции, присутни беа и членовите на машката репрезентација, предводени од селекторот Кирил Лазаров.

–Се надевам дека сите заедно ќе придонесеме да се прикажеме како ракометна земја, а нашата публика ќе ја наполни салата и ќе даде поддршка на нашиот тим. И женскиот ракомет е во нагорна линија, и се надевам дека, како и нивните машки колеги, ќе бидат константни учеснички на големите натпреварувања, изјави Лазаров.

Легендата на македонскиот ракомет додаде дека женското ЕУРО2022 е „голем настан“ кој во Скопје ќе донесе звучни тренерски и ракометни имиња.

–Можам да кажам дека ќе ми биде задоволство да бидам присутен на сите натпревари. Секогаш од секого може нешто да се научи. Нашите ракометарки од мене ќе имаат максимална поддршка, порача Лазаров.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/10/2022 13:39