Со натпреварот меѓу Бостон и Филаделфија доцна вечерва по средноевропско време ќе биде означен почетокот на 77. кошаркарска сезона во НБА лигата.

Титулата ја брани Голден Стејт кој лани во истиов период не беше во кругот на фаворити за трофејот, но уште еднаш го покажа својот шампионски менталитет. И сега многумина се осмелуваат да кажат дека нема шанси повторно да стане првак, но нема да биде ако и таа прогноза за покаже неточна.

Според аналитичарите, најголеми шанси има Милвоки, а по него се Бостон, Бруклин, ЛА Клиперс, Филаделфија, Денвер… Непознаница е Лос Анџелес Лејкерс кој остана со ударното трио Леброн-Дејвис-Вестбрук, но тоа минатата сезона не ги оствари очекуваните резултати. Од друга страна, Јута е значително ослабена бидејќи си заминаа две од трите најголеми ѕвезди, Гобер беше трејдуван во Минесота, а Мичел во Кливленд.

Освен борбата за титулата, претстојната сезона ќе биде интересна и по уште две работи. Првата, ако остане здрав, Леброн Џејмс речиси сигурно ќе стане најдобар стрелец во историјата на лигата бидејќи му недостасуваат 1.327 поени за да го помине Карим Абдул Џабар. Втората, Никола Јокиќ има шанса да им се придружи на Бил Расел, Вилт Чембрлен и Лери Бирд со три МВП признанија во низа.

Вечерашната програма во НБА ќе содржи само два натпревара. Покрај Бостон и Филаделфија, играат уште Голден Стејт и Лејкерс во мечот во кој на Вориорс ќе им бидат врачени шампионските прстени за минатата сезона.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2022 04:48