Напуштените места, згради, куќи и станови најчесто имаат посебен шарм и убавина, бидејќи ја раскажуваат приказната за минатото и начинот на живеењето некогаш. Можеби еден од најпознатите такви станови е оној на мадам Де Флоријан, што се наоѓа во Париз, Франција.

Марте де Флоријан била глумица и „куртизана“, родена 1864 година. Таа е позната по тоа што имала бројни познати љубовници, како Жорж Клемансо, Пјер Валдек-Русо, Пол Дешанел, Гастон Думерг, Робер де Монтескје и Џовани Болдини. Таквите личности како мадам Де Флоријан, во историјата се познати по пиењето, коцкањето и прекумерното трошење, но и по „високото друштво“ и високата мода…

Таа го напуштила својот дом во Париз во 1942 година, во екот на Втората светска војна и побегнала на југот на Франција. Иако плаќала ќирија до крајот на животот, таа никогаш не се вратила во станот, а живеалиштето потоа останало затворено околу 70 години.

Станот, до почетокот на овој век останал недопрен, па во секој поглед е совршена копија на домот од крајот на 19. век. Во него, на пр. имало уникатна старинска масичка за облекување и шминкање, шише стар парфем, препариран ној завиткан во гламурозна марама, слики, накит, кревет со раскошна и скапа украсна прекривка, тапети… Сѐ е „како во бајка“…

Истражувајќи ја уметноста во станот, историчарот Оливие Шопен-Жанври наишол на слика од Џовани Болдини чија вредност се проценувала на 300.000 евра, но поради огромниот интерес, таа била продадена на аукција за два милиони евра.

Во станот се пронајдени и љубовни писма, наредени и врзани со свилена лента, што се покажале клучни за да се утврди дека портретот е на Болдини и дека тој и мадам Де Флоријан биле во врска.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2022 00:52