Македонската машка кошаркарска репрезентација ги одработи првите два тренинга во салата „26. април“ во Гевгелија, каде што оваа седмица ќе ги одигра дуелите против Норвешка, в четврток, и Данска, в недела, во рамки на ноемврискиот „прозорец“ од претквалификациите за Евробаскетот 2025.
Селекторот Александар Јончевски нема да може да смета на тројца стартери – Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски поради клупски обврски, и на повредениот Кристијан Николов, но се очекува да дебитира Ти-Џеј Шортс, откако американскиот кошаркар пред извесно време го доби македонското државјанство и се стекна со македонска патна исправа.
– Пресреќен сум за шансата што ќе играм за селекција како Македонија и сигурен сум дека ќе дадам сè од себе за да ја оправдам довербата, изјави Шортс.
Тој посочи дека пред нив се исклучително тешки мечеви против Норвешка и Данска и, како што додаде, верува дека ќе одиграат најдобро што можат за да дојдат до посакуваните победи.
– Од мене се очекува добро да ја организирам играта, да постигнам што може повеќе кошеви, но и да придонесам да се крене натпреварувачкиот дух во екипата. Мора да признаам дека не знаев ништо посебно за Македонија. Но почнувам да учам и ќе продолжам да се надоградувам, со цел да се вклопам во новата средина. Слушав одлични работи за селекторот, соиграчите и сигурен сум дека пред нас се добри времиња и успешни резултати, додаде натурализираниот македонски репрезентативец, кој настапува за германски Телеком Бон.