Вимблдон го ублажува својот кодекс на облекување и ќе им дозволи на тенисерките да носат и црни, или бермуди во боја, веќе следната 2023 година, за жените да може да играат и за време на менструација, соопшти „Ол Ингланд клубот“ вчера.

„Следната година, жените и девојките, учеснички на турнирот, ќе можат да носат куси панталони во боја, доколку сакаат. Одлуката е донесена по разговорите со играчите и организаторите. Се надеваме дека ова прилагодување ќе им помогне на играчите да се сосредоточат единствено на играта и ќе ја елиминира можната причина за вознемиреност“, изјави извршната директорка на лондонскиот „Грен слем“ турнир, Сали Болтон.

Кодексот на облекување бараше играчите да носат бело во Лондон, за разлика од другите „Грен слем“ турнири, Австралија опен, Ролан Гарос и Ју-Ес опен. Во 2014 година, правилото беше заострено и учесниците мораа да носат и бела долна облека поради политиката „целосно бело“.

Тенисот не е единствениот спорт во кој жените имаат проблеми околу менструацијата. Женскиот фудбалски тим на Манчестер Сити на крајот на октомври соопшти дека од следната година, бермудите веќе нема да бидат задолжително бели.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/11/2022 10:11