Кик-боксинг клубот ,,АС” од Делчево со освоени три медали се враќа од Меѓународниот куп натпревар ,,Балканс бест фајтерс” кој викендов се одржа во Ниш, Србија. На турнирот екипата од Делчево учествуваше со двајца претставници, кои освоија златен, сребрен и бронзен медал.
– На турнирот во Ниш повторно учествуваа Андреј Митков и Павел Стојчевски. Претставувајќи го кик-боксинг клубот ,,АС”, злато и бронза во поинт-фајт (38 кг) и (42кг) освои Андреј Митков, додека Павел Стојчевски среброто го освои во кик-лајт (63кг), информираше тренерот Љупчи Стојчевски.
Успехот како што додаде се надоврзува на претходниот успех кој двајцата кик-боксери го постигнаа на Меѓународниот турнир во Црна Гора пред две недели, каде освоија 6 медали од кои 2 златни.
– По овие турнири во Србија и Црна Гора ни претстои учество на Меѓународен турнир во Бугарија. И оттаму очекуваме добри резултати со што успешно би ја заокружиле оваа година, додаде Стојчевски.
На последниот турнир Балкан бест фајтерс настапија 437 кикбоксери со 446 натпреварувачки влезови од 7 држави, односно 61 клуб од Србија, Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора и Бугарија.