Екипата на Струмица Никоб првата етапа од годинашното првенство во елитното одбојкарско натпреварување ја заврши со максимален учинок-10 победи и без ниту еден изгубен сет и цврсто ја чува лидерската позиција.

– Со овој учинок на дофат ни е десеттата јубилејна титула. Одигравме со максимален резултат и против сите противници забележавме победи со 3:0. Мене ме радува што покрај успесите на сениорскио тим сите екипи од младинскиот погон се, исто така, пласирани на првото место во своите групи и се надевам дека таму ќе останат до крајот од оваа сезона, вели тренерот Кирил Ричлиев.

Додава дека имаат на располагање многу млади талентирани одбојкари и очекува многу бргу тие да ги заменат искусните и докажани првотимци и репрезентативци.

Според стратегот на шампионот, годинава со настапите во европските клубски натпреварувања собрале доволно искуство, иако малку недостасувало да изборат пласман во наредните натпревари.

– Со холандскиот Динамо Апелдорн малку ни фалеше да направиме вистинско изненадување, но во златнит сет во реванш натпреварот загубивме со 15:13. Исто така беше и со настапот во Купот на ЦЕВ кога бевме поразени од Мурса од Осиек. Доколку имавме уште 3-4 контролни средби повеќе верувам дека ќе ги поминавме и двата противници, смета Ричлиев.

Тој подвлече дека од потпишувањето договор за спонзорство со Групацијата „Никоб“ клубот финансиски закрепнал, а паузата во првенството ќе ја искористат уште поподготвени да влезат во продолжението на првенството, кое почнува во првиот викенд во февруари 2023 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/12/2022 09:25