Светскиот рекет број 1 во женска конкуренција Ига Швјонтек од Полска е прогласена за тенисерка на годината, објави Женската тениска асоцијација (ВТА).
Полската тенисерка сезоната ја заврши како прворангирана на ВТА листата, а оваа година ги освои Ролан Гарос и Ју-Ес Опен, како и турнирите во Доха, Индијан Велс, Мајами, Штутгарт, Рим и Сан Диего. Швјонтек во 2022 година забележа 68 победи.
Најдобри тенисерки во конкуренција на парови се Барбора Крејчикова и Катерина Синиакова од Чешка. Тие сезонава ги освоија титулите во Австралија опен, Вимблдон и Ју-Ес Опен.
За тренер на годината е прогласен Дејвид Вит, кој е тренер на американската тенисерка Џесика Пегула.