Кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ освои три признанија на завршната манифестација за прогласување на најдобрите во 2022 во организација на Кошаркарската федерација на Македонија.

Екипата на КК Крива Паланка беше прогласена за најдобра женска младинска екипа во 2022 година,тренерот Мирослав Ивановски е најдобар тренер во младинска , а Михаела Алексовска од овој клуб за најдобра млада кошаркарка во оваа година, освојувајќи го втора година по ред ваквото престижно признание.

Од кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ истакнаа дека признанијата се круна на една и пол децениска работа и доаѓаат токму во сезоната кога клубот одбележува 15 години постоење.

– Резултатите се немиовни кога макотрпно, посветено, непоколебливо стремите кон целта и во костец со сите предизвици ќе се нафатите да го одите патот кој не е ни малку лесен, патот кон градење нови млади кошаркарски генерации. Овие признанија се показател дека вреди да се работи и создава за младите, имаме таленти, имаме капацитети, само треба максимална посветеност од сите чинители за да ја издигнеме на уште повисоко ниво женската кошарка, рече Ведран Белешковски, претседател на КК Крива Паланка.

Тој додаде дека клубот добива поддршка од локаната заедница, како и од приватниот сектор, но и од љубители на спортот и поддржувачи од земјава и странство.

– Благодарност до сите што не подржуваат и сите членови на големиот „Тим Крива Паланка“ кој е едно големо кошаркарско семејство, силно и сплотено.

Признанието го прими младиот тренер во клубот, Виктор Петровски, кој е предводник и на првотимките и упати благодарност за поддршката како млад тренер да го покаже и развива својот потенцијал и да работи со кошаркарките што стремат кон нови заеднички успеси.

Предводникот на КК Крива Паланка , Мирослав Ивановски, за признанието најдобар тренер на женска младинска екипа, рече дека драго му е што ја добива наградата токму во оваа категорија, бидејќи женската кошарка, а и женскиот спорт кај нас се на маргините.

– Сметам дека нема повеќе време за експериментирање, туку да ги оставиме суетите на страна, сите заедно да се посветиме и да работиме за доброто на женската кошарка. Оваа награда е заслужена бидејќи со години наназад сме во врвот на женската младинска кошарка, потенцира Ивановски.

Најдобрата млада кошаркарка, Михаела Алексовска, која втора година по ред го добива признанието за најдобра млада кошаркарка, рече дека упорната работа, посветеноста и вложениот труд секогаш даваат резултати и се заблагодари на сите тренери, соиграчи и поддржувачи, семејството, за се што досега направиле за да биде промовирана како најдобра во силната конкуренција квалитетни играчи до нејзината генерација.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/12/2022 13:25