Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја продолжија серијата порази во АБА лигата откако вечерва пред своите гледачи загубија од еден главните фаворити за титулата Црвена ѕвезда со 57-80 во рамки на 14. коло во регионалната лига.
Македонскиот шампион одржуваше резултатската неизвесност во првото полувреме во кое по две изедначени четвртини белградскиот состав замина на пауза со минимална предност од 36-33.
Клучната разлика Црвена ѕвезда ја оствари во третата четвртина која ја реши во своја корист со 27-8 и во завршните десет минути влезе во недостижна предност од плус 22 поени.
Најефикасен на паркетот во салата „Јане Сандански“ беше новото засилување на Црвена ѕвезда, Аргентинецот Факундо Кампацо со 21 поени, додека најистакнати во редовите на МЗТ Скопје беа Дастин Вер со 16 и Војдан Стојановски со 13 поени.
МЗТ Скопје остана на последното место на табелата со ефект од две победи од 12 порази, додека Црвена ѕвезда изби на чело на табелата (12-1).
Во следното коло МЗТ Скопје го очекува тешко гостување против белградски Партизан на 16 овој месец.