Поранешниот тренер на Новак Ѓоковиќ, германската легенда Борис Бекер, изјави дека српскиот тенисер е главен кандидат за титулата на првиот грен – слем сезонава, Австралија опен, кој почнува в понеделник во Мелбурн.

„Арената Род Лејвер е неговата дневна соба, таму се чувствува најкомфорно. Таму ја освои титулата девет пати. Неодамна триумфираше и на подготвителниот турнир во Аделаида, а пред тоа лесно совлада силни противници, како Денис Шаповалов и Данил Медведев. Новак лани мина лошо во Австралија, бидејќи беше депортиран. Мило ми е што оваа епизода веќе не е главна тема и што повторно сè е посветено на спортот“, изјави Бекер.

Германската тениска легенда додаде дека Ѓоковиќ ќе биде силно мотивиран во Мелбурн, бидејќи негова цел е да биде најдобар тенисер во историјата.

„Очекувањата се големи, а Новак сака да го израмни рекордот на Рафаел Надал според бројот на освоени грен – слем трофеи. Ѓоковиќ длабоко во себе сака да стане најдобриот тенисер на сите времиња. Тоа во моментов е Надал, а соборувањето на неговиот рекорд е најголем приоритет за Ѓоковиќ“, додаде Бекер.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2023 01:08