Шпанскиот тенисер Рафаел Надал потврди дека повредата која ја здоби во 2. коло на Австралија опен ќе го отстрани од терените во следните шест до осум недели, што, најверојатно, значи негово враќање на стартот на сезоната на турнирите на земјена подлога.

„Извршив прегледи во клиниката Кекнон Тенис во Барселона. Потврдена е дијагнозата од Мелбурн и времето потребно за рехабилитација останува исто“, објави Надал на Твитер.

За време на Австралија опен лекарите на Надал му констатираа мускулна повреда за која не е потребен оперативен зафат.

„Дополнителни прегледи ќе направиме за три недели и тогаш ќе видиме како напредува рехабилитацијата“, додаде освојувачот на 22. грен – слем титули, кој во јуни ќе наполни 37 години.

Во тимот на Надал се надеваат дека Шпанецот тогаш ќе биде подготвен за настап на Ролан Гарос во обид да ја освои својата 15. титула на грен – слем турнирот во Париз



Автор: Администратор
Објавено на: 27/01/2023 15:11