Украинското претседателство го обвини денеска Меѓународниот олимписки комитет (МОК) дека е „промотор на војната“, бидејќи разгледува можност да им дозволи на руските спортисти да настапат на Олимписките игри 2024. под неутрално обележја.

„МОК е промотор на војната, убиствата и разурнувањата. МОК среќно гледа како Русија ја уништува Украина, а потоа ѝ нуди на Русија платформа за промоција на геноцидот врз Украинците“, напиша на својот Твитер профил советникот на украинскиот претседател Михаил Подољак, особено целејќи кон првиот човек на МОК, Томас Бах.

„Очигледно дека парите со кои се купува олимпиското лицемерие не мирисаат на украинска крв. Зарем не, господине Бах?, напиша советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Реакцијата уследи откако МОК минатата недела најави дека ја „разгледува“ можноста да им дозволи на руските и белоруските спортисти да настапат на Олимписките игри во Париз, без истакнување национални обележја.

Русија и Белорусија се исклучени од речиси сите меѓународни спортски натпреварување по руската инвазија врз Украина која почна минатиот февриари.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/01/2023 02:36