Олимпискиот факел за Игрите 2024 во Париз ќе биде донесен во земјата домаќин со брод од Грција, каде свечено ќе биде запален во древната Олимпија, а прва станица на француската рута ќе биде градот Марсеј, соопштија денеска организаторите.

„Тоа беше прилично природен и очигледен избор“, изјави претседателот на организацискиот одбор на Олимписките игри во Париз, Тони Естенге, потсетувајќи на поврзаноста на Марсеј со Грција, како колонија која под името Масалија ја формирале древните Грци во 600. година пред новата ера.

Естенге најави дека целата рута на која ќе биде носен факелот до Париз, по пристигнувањето во Марсеј, ќе биде објавена на крајот од мај, нешто повеќе од една година пред почетокот на Игрите закажани од 26 мај до 11 август 2024 година.

Факелот ќе пристигне во Марсеј со бродот „Белем“, една од најстарите галии во Европа која сè уште плови, по десетдневно патување од Грција.

„Марсеј е основан од Грци, кои пристигнале од Фокеја пред 2600 години: барајќи добредојде за факелот на нашите брегови, сакавме повторно да се поврземе со оваа голема историја на споделување, братство, различност и солидарност“, изјави градоначалникот на Марсеј, Беноа Пајан.

На ОИ 2024, Марсеј ќе биде домаќин на натпреварувањата во едриличарство, како и на десет натпревари од фудбалските турнири во машка и женска конкуренција на стадионот „Велодром“.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/02/2023 14:40