Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром вечерва од 18 часот му гостува на црногорски Морнар Барско злато во обид по триумфот на домашен терен над Цедевита Олимпија да ја забележи втората победа во низа во АБА лигата, а прва на гостински терен.
„Во Бар одиме со оптимизам и зголемена самодоверба, но без еуфорија бидејќи не ги забораваме претходните лоши партии, особено на гостински терен. МЗТ е единствен без победа на терен на противниците и ако сакаме опстанок во АБА ова треба драстично да се промени секако во наша корист“, изјави тренерот на македонскиот шампион пред дуелот против Морнар.
„Очекувам подобра игра на моите кошаркари, кои се надевам дека ќе го задржат квалитетот и нивото на енергија од средбата против Цедевита Олимпија. Ако го сторат тоа, тогаш имаме шанси да се радуваме во пресметката крај Јадранското море“, истакна Николиќ.
МЗТ Скопје Аеродром е последнопласиран на табелата со три победи на 18 натпревари, две помалку од Морнар, кој е на претпоследното место со натпревар помалку.