Канзас Сити ја освои титулата во американската професионална НФЛ лига, триумфирајќи синоќа во 57. издание на Супербоул, а до својата втора титула во последните четири години дојде со голем пресврт во второ полувреме и тесна победа над Филаделфија Иглс од 38-35 на стадионот „Стејт Фарм“ во Глендејл предводен од нивниот најдобар играч сезонава Патрик Махоунс.

Во исклучително возбудлив натпревар на двете офанзивно најдобри екипи во регуларниот дел од сезоната, Канзас славеше со погодок во самиот финиш, а нивниот 27 – годишен квотербек Махоунс беше прогласен за МВП на финалето одиграно пред 66.000 гледачи.

Филаделфија подобро го почна натпреварот и стекна предност на полувремето од 24-14, а отежнувачка околност за Канзас беше и обновената повреда на Махоунс.

Меѓутоа, физиотерапевтите направија чудо на полувремето и Махоунс одигра одлично второ полувреме во кое секојпат кога ќе добиеше топка во рацете ја носеше својата екипа до „тачдаун“ или погодок од поле.

Канзас на средина од последната четвртина поведе со 35-27, а Филаделфија возарати со „тачдауин“ за шест и конверзија за два поени, израмнувајќи на 35-35.

До победата со која ја освои вкупно третата титула во клупската историја Канзас дојде на 11 секунди пред крајот на големото финале, на кое на полувремето спектакуларен миниконцерт одржа американската пејачка Ријана.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2023 09:34