Предводникот на Морнар во триумфот над МЗТ Скопје Аеродром, Грегор Глас, е прогласен за најдобар играч во 19. коло во АБА лигата, соопштенија денеска од регионалното натпреварување.
Црногорскиот тим во петокот го совлада македонскиот шампион со 93-84, а Глас беше меѓу најзаслужните за победата.
Словенечкиот кошаркар за нешто помалку од 30 минути минати на паркетот постигна 26 поени, запишувајќи и седум скокови, три асистенции и една украдена топка, што му донесе 31 индексни поени.
Морнар му го нанесе на МЗТ Скопје Аеродром 16. пораз во АБА лигата со што македонскиот состав остана последнопласиран на табелата пред следниот дуел на домашен терен против ФМП на 3 март.