Екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Кожув ќе ја имаат честа в четврток да го отворат 30. издание од македонскиот кошаркарски Купот, кој трета сезона по ред го носи името на легендарниот Благоја Георгиевски - Буштур.

-Задоволство ми е што повторно сум дел од вакво натпреварување кое е доста специфично, во кое можеш во четврток да дојдеш со едно очекување, внимание и желба, а во сабота да завршиш со друга реалност, или да го освоиш првиот пехар. Нашите амбиции се да ги освоиме пехарите, но во Купот има три ’лизгачки скалила‘ и мора да бидеме внимателни, изјави на денешната прес - конференција тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Драган Николиќ.

На другата страна од теренот ќе биде Александар Јончевски, актуелен селектор на македонската сениорска репрезентација, и шеф на стручниот штаб на екипата од Гевгелија.

-После одредена пауза Кожув повторно е на мапата на завршниот турнир во Купот. Со задоволство го исчекуваме натпреварот, играме против фаворитот МЗТ, проект кој е создаден да игра успешно во АБА. Не треба многу да се говори за квалитетот за противникот, ние имавме квалитетни натпревари на домашната сцена во лигата, и се надевам дека ќе ја повториме играта. Само така може да се надеваме на позитивен исход, истакна Јончевски пред првиот четвртфинален натпревар в четврток од 12. часот.

Истиот ден од 14.30 часот за место во полуфиналето ќе разигруваат екипите на Гостивар и Феникс 2010

-Ние како клуб, како Гостивар, одиме чекор по чекор. Првата пречка е Феникс 2010, екипа од која доживеавме тежок пораз. Ги анализиравме добро, и ако нашите играчи дадат 100 проценти во напад и одбрана имаме добри шанси да ја вратиме нашата екипа на победнички патеки и да дојдеме до полуфинале, најави шефот на стручниот штаб на гостиварскиот прволигаш Љупчо Малинков.

Стратегот на Феникс 2010, Денис Дервишевиќ, истакна дека цел на неговиот тим е пласман во финалето.

-Ние сме втора година на овој настан. Минатата година бевме дебитанти и загубивме во полуфиналето од МЗТ Скопје. Оваа година сме дојдени тука да играме финале, нема да се предадеме против никого. Се игра еден меч, мора да сме внимателни и се надеваме дека ќе ги оствариме целите, рече Дервишевиќ.

Четвртфиналните дуели ќе бидат комплетирани со пресметките меѓу Пелистер – Еуро Никел и ТФТ – Работнички



Автор: Администратор
Објавено на: 15/02/2023 03:05