Велосипедска патека во должина од 60 километри ќе ги поврзува сите борилишта на кои ќе се одржуваат Олимписките игри 2024 во Париз, објавија организаторите.

Засега во главниот град на Париз се изградени или се во завршна фаза околу 30 километри од велосипедската олимписка рута, а втората половина допрва ќе се гради.

Олимписката велосипедска патека ќе минува во близина или покрај олимписките борилишта со посебни знаци или пиктограми кои, исто така, ќе бидат поврзани со олимписките симболи.

Во Париз ќе се изградат и дополните 25 километри велосипедска патека дури и таму каде што нема да се одржуваат олимписки натпревари, бидејќи организаторите се свесни дека тоа еколошко наследство ќе остане во градот и по завршување на Олимписки игри.

Воедно, властите во Париз ќе го зголемат и бројот велосипеди за изнајмување, на околу 15.000, а ќе подготват и 10.000 привремени паркинг места за велосипеди во близина на олимписките арени.

Лани за таа намена од олимпискиот буџет беа потрошени 44.5 милиони евра, а оваа година во делот за велосипедизам се планирани дополнителни 65 милиони евра.

Париз во овој момент има велосипедски патеки во должина од 440 километри.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/02/2023 11:03