Американската скијачка Микаела Шифрин објави денеска дека ја прекинува соработката со својот долгогодишен тренер Мајк Деј, само ден пред велеслаломската трка на Светското првенство во Франција.
„По седум сезони соработка со Деј, одлучив во следната фаза од кариерата да влезам со нов тренер. Сакам да му се заблагодарам на Мајк и да му оддадам признание за сиот негов труд и посветеност во текот на изминатите неколку години“, порача Шифрин во изјава која ја пренесе американскиот скијачки тим.
Одлуката доаѓа ден пред трката во велеслалом во на Светското првенство во алпско скијање на кое Шифрин пред неколку денови освои сребро во супервелеслалом.
Шифрин оваа сезона во Светскиот куп успеа да го собори рекордот на сонародничката Линдзи Вон од 82 победи и се наоѓа на само чекор од апсолутниот рекорд на легендарниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк, кој 86 пати триумфираше во својата блескава кариера.