Норвешката скијачка Марија Тереза Твиберг и Германецот Александер Шмид ги освоија златните медали во денешните трки во паралелен слалом на Светското првенство во францускиот зимски центар Мерибел.
Твиберг до своето прво поединечно одличје на големите натпреварувања дојде со триумф во финалето над 29-годишната Венди Холденер од Швајцарија, од која беше побрза за 67 стотинки.
Бронзениот медал ѝ припадна на сонародничката на Твиберг, 26-годишната Теа Луиз Стјернесунд.
Во машкиот паралелен слалом до својот прв медал во поединечна конкуренција на големите натпреварувања дојде и германскиот скијач Шмид, совладувајќи го во финалето во доминантен стил Австриецот Доминик Рашнер, од кого во двете трки беше побрз за 90 стотинки.
Во трката за третото место, 26-годишниот Норвежанец Тимон Хауган за 19 стотинки беше побрз од Адријан Пертл од Австрија.