Формула 1 екипата Мерцедес го претстави денеска својот нов, црн, болид за кој во тимот се надеваат дека на тандемот возачи Луис Хамилтон и Џорџ Расел ќе им овозможи рамноправна битка за победи и шампионска титула во новата сезона која стартува на 5 март во Бахреин.

Мерцедес минатата сезона остана без титула во конкуренција на конструктори по осумгодишно владеење, а Хамилтон од своето Ф1 деби во 2007 година за прв пат ја заврши сезоната без ниту една победа.

„Изгледа добро. Дали ќе биде брз како што изгледа? Се надевам“, рече директорот на Мерцедес, Тото Волф, на дигиталната презентација на новиот болид од Силверстон.

Болидот на Мерцедес повторно е во црна боја, каква што имаше во сезоните 2020 и 2021, а која би требало да донесе дополнителна предност во вид на намалување на тежината, бидејќи преку карбонските влакна нема да биде потребно дополнително премачкување.

Претсезонските тестирања во Ф1 се закажани на патеката Сакир во Бахреин од 23 до 25 овој месец.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/02/2023 03:18