Крилото на Бостон, Џејсон Тејтум, стана нов рекордер според бројот на постигнати поени во историјата на „Ол Стар“ натпреварите во кошаркарската НБА лига, предводејќи го со 55 поени „Тимот на Јанис“ во синоќешниот триумф над „Тимот на Леброн“ во Солт Лејк Сити од 184 – 175.
Покрај 55. поени со реализација од игра 22-31, Тејтум запиша и 10 скокови и шест асистенции и заслужено ја освои наградата најкорисен играч (МВП) на натпреварот.
Тејтум, кој стана прв играч на Бостон по Лари Бирд во 1982 година со МВП признание, беше особено импресивен во третата четвртина во која уфрли 27 поени, што,исто така, е нов рекорд според постигнати кошеви во една четвртина.
Ноќ за паметење, и покрај поразот на својот тим, имаше и кошаркарот на ЛА Лејкерс, Леброн Џејмс, кој по 19 пат во кариерата настапи на „Ол Стар“ натпревар и со тоа се израмни на вечната листа со легендарниот Карим Абдул – Џабар.