Македонската машка кошаркарска репрезентација го одржа првиот тренинг во словачкиот град Левице каде утре со почеток во 18 часот против домаќинот ќе го одигра натпреварот од петтото коло од групата „Д“ во претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2025.

Искусниот репрезентативец Стојан Ѓуроски, кој од оваа сезона е дел од шпанскиот Оуренсе, смета дека македонскиот состав е способен да ја реализира целта и да остане на првото место во групата кое директно води во квалификациите за ЕП.

-Мислам дека можеме да ја исполниме мисијата. Ако не верував во тоа, немаше да бидам тука. Знаеме дека Словаците играат доста добро дома, сега се засилени со нивниот најдобар кошаркар (Владимир Бродзијански), кој направи разлика на последните два натпревари на кои настапи“, изјави Ѓуроски за официјалниот сајт на македонската кошаркарска Федерација.

Тој додава дека репрезентацијата си ја знае својата игра, со мали промени во тактиката, мисли дека ќе слават уште во Словачка, за првото место, кое ги води во следните квалификации.

-Атмосферата е одлична, на секој следен натпревар одиме максимално, па што биде – нека биде, додаде Ѓуроски.

Македонија е првопласирана во групата за максимални четири бодови, а по дуелот со Словачка избраниците на селекторот Александар Јончевски во последното коло в недела ѝ гостуваат на Норвешка во Осло.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2023 12:43