Селекторот Александар Јончевски истакна дека првиот пораз на македонската кошаркарска репрезентација од Словачка (73-82) во претквалификациите за Евробаскетот 2025 се должи на неискористените шанси на вчерашното гостувањето во Левице.

-На крајот на натпреварот, некако сè се сведе на оној момент, кога при негатива од седум не успеавме да ја намалиме на потребните четири. Секако, многу порано го испуштивме чекорот со кој требаше да одиме кон успех, многу порано, на крајот на втора и цела трета четвртина, рече Јончевски.

Селекторот оцени дека македонскиот состав не го отвори мечот во Левице како што треба, но и покрај тоа, „црвено – жолтите“ дојдоа до предност во средишниот дел на првото полувреме.

-Во последната четвртина, пробавме да смениме нешто во одбраната, да играме со „преземање“ и успеавме таа негатива да ја намалиме на едноцифрена. Но, неколку одлуки, очигледни прекршоци, влијаеја на нашата концентрација. Со неуедначен критериум при досудување на личните грешки, во кој на наши реакции добивме две технички грешки, на клупа и на тренер, Словаците повторно ја преземаа контролата и успеаја да го одбранат тој наш последен обид да стигнеме. Останува да анализираме со ладни глави и да одиме понатаму, кон Осло. Сè заедно гледано, овде во Левице, имавме свои шанси кои не успеавме да ги реализираме, анализираше Јончевски.

По пет одиграни кола, Македонија останува прва на табелата во групата Д, со ефект од четири победи и еден пораз и за сигурен пласман во главната евроквалификациска фаза ќе ѝ биде потребна победа в недела на гостувањето против Норвешка во Осло од 18 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/02/2023 09:42