Македонската машка кошаркарска репрезентација вечерва со почеток во 18 часот против Норвешка во Осло го игра завршниот натпревар на кој ќе се обиде да го задржи првото место во групата Д и со тоа да обезбеди пласман во главната фаза од квалификациите за Евробаскетот 2025 година.
Претходно од 15:30 во рамки на истата група Данска ја пречекува Словачка, а избраниците на македонскиот селектор Александар Јончевски ќе се најдат пред императив да ја совладаат Норвешка доколку Словаците триумфираат на гостувањето во Нествед.
Норвешка во четвртокот загуби на гостувањето во Данска (69-61) со што ги загуби шансите за пласман на првото место во групата во која лани во ноември македонските кошаркари убедливо ја совладаа скандинавската селекција со 58-36.
Напоменувајќи дека секој натпревар е посебна приказна, македонскиот селектор Александар Јончевски истакна дека пред вечерашниот дуел дека „црвено – жолтите“ само одлучуваат за својата судбина во претквалификациите.
„Ја испуштивме првата можност во Левице, имавме свои шанси, но, не ги искористивме. Си ја отежнавме работата, со оглед на тоа дека загубивме за прв пат во овие претквалификации. Но реков и тогаш по завршувањето на натпреварот дека најважно од сè е дека сепак сè зависи само и исклучиво од нас. Сами си ја кроиме својата судбина, и гледаме само како ќе одиграме против Норвежаните“, изјави Јончевски.
По пет одиграни кола, Македонија е прва на табелата во групата Д со девет бодови, пред Словачка (8), Норвешка (7) и Данска (6).