Дубаи е домаќин на второто Гран при натпреварување во атлетика за лица со попреченост на Светската параатлетска сезона 2023 година. Познатото атлетско ФАЗЗА меѓународно „Гран при“ натпреварување, кое се одржува во Обединетите Арапски Емирати, почна вчера, на 26 февруари.

Македонскиот атлетски тим го сочинуваат натпреварувачите Елена Давитковска и Гоце Миновски, под водство на селекторот Крсто Серафимовски. Давитковска се натпреварува во фрлање ѓуле, диск и копје, класа Ф-56. Миновски е во категориите на фрлање ѓуле и диск, класа Ф-55.

- Денеска го завршив натпреварот со ѓуле. На 28-ми е фрлањето диск, а на први март е натпреварот во фрлање копје, изјави вчера Давитковска за МИА.

Атлетските натпревари се одржуваат од 26 февруари до 1 март (недела до среда), со 585 спортисти од вкупно 60 земји. Теренот на Клубот за луѓе со решителност во Дубаи ќе биде домаќин на четиридневното „Гран при“ натпреварување. Стадионот што беше свечено отворен во 2016 година, има капацитет од околу 4.500 до 5.000 гледачи.

На ова Меѓународно „Гран при“ натпреварување ќе биде извршена и меѓународна класификација на нашиот атлетичар Гоце Миновски, објави порталот „Спортплус“. Тоа требало да се случи уште во 2019 година, но тогаш корона-пандемијата го одложи овој спортски собир.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/02/2023 09:25